Почнува постапката на тренинг и квалификациски модули за обука на дефицитарен кадар во градежниот сектор за градење на енергетски ефикасни градби - ДО КРАЈОТ НА 2015 ГОДИНА ОБУКА ЗА ПЕТ ЗАНИМАЊА
Од април 2014 година и Македонија е дел од европската иницијатива за подобрување на енергетската ефикасност во градежниот сектор,
преку реализација на втората фаза на Проектот „Build up skills“ како дел од Програмата за
конкурентност и иновативност – од потпрограмата на ЦИП - Интелигентна енергија на Европската комисија, менаџирана од Европската агенција за мали и средни компании (ЕАСМЕ). Тој е последен проект кој се реализира од претходната ЦИП-Програма (од јануари 2014 година наследничка на Програмата ЦИП, а тоа е новата Програма КОСМЕ што ќе се реализира во следниот седумгодишен период) .
Ова беше истакнато на редовната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија на тема: „Oбуки за енергетска ефикасност во градежниот сектор во рамките на Проектот „Build up skills“ – втора фаза“ (28.4.2014 година).
Целта на втората фаза од оваа иницијатива на ЕУ е да се развијат материјали и модули за обука на кадар во градежниот сектор во делот на енергетската ефикасност и практична примена во градби. За таа цел, ќе бидат обучени прво тренери - обучувачи кои ќе ги обучуваат понатаму градежните работници во Македонија, а до крајот на 2015 година да се спроведат 5 вида на обуки за енергетска ефикасност во градежниот сектор во Македонија: Обвивка на зграда, Застаклување, Кров, Електрична инсталација и Вентилација, ладење и греење.
Предлогот за овие 5 обуки, кои се дел од претходната анализа направена во градежниот сектор, ќе обезбеди вклучување на 5 занимања идентификувани како приоритетни во националната карта во Македонија, со цел да се подобри состојбата на занимањата, односно да се добие стручно подготвен кадар во градежниот сектор за градење на енергетски ефикасни градби. Развојот на материјалите и модулите на овие 5 занимања ќе значи готови модули за верификација на овие занимања кои ќе можат понатаму да бидат дел од неформалното образование.
Очекувани резултати од планираните обуки се:
• 200 обучени и сертифицирани обучувачи-тренери - за 40 приоритетни занимања на програми за подобрување на енергетската ефикасност;
• 10 обуки - практична настава за градежните компании;
• 1000 сертифицирани работници кои имаат претходно работно искуство во делот на енергетската ефикасност и ќе дополагаат испити од новите модули за признавање на дипломата и
• 50 градежни работници на терен кои ќе бидат обучени за енергетска ефикасност.
Новина е тоа што обучените тренери и обучените градежни работници ќе можат да работат и во една балканска земја, членка на ЕУ, а тоа е Хрватска, согласно потпишаниот Меморандум на взаемно признавање на сертификатите за градежните работници во енергетската ефикасност во рамките на Проектот, кој беше потпишан меѓу националните конзорциуми на Македонија и Хрватска.
Конзорциумот за имплементација на овој проект во Република Македонија е составен од: Стопанската комора на Македонија, како координатор на Проектот, Факултетот за електротехника и информациски технологии, потоа ЈУ Центарот за образование за возрасни, Здружението на бизнис-консултанти „Креација“, Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој – ЦеПроСАРД (Здружение на граѓани) и Факултетот за бизнис-економија од Скопје.
Втората фаза на оваа Европска иницијатива паралелно се спроведува во 20-тина земји на ЕУ (30 европски земји беа во првата фаза), а Македонија и Хрватска се единствени кои учествуваат во истата од регионот. Македонија е единствена земја која не е членка на ЕУ, а го доби овој проект кој ќе биде координиран од страна на Стопанската комора на Македонија.
Исто така, оваа иницијатива беше поддржана од страна на сите релевантни институции во земјава, како што се министерства, агенции, градежниот сектор, едукативниот сектор за формално и неформално образование, како и невладиниот сектор кој се занимава со ЕЕ и ОИЕ.
Во рамките на првиот Проект, чија иницијатива е на Европската унија, во делот за подобрување на енергетската ефикасност во градежниот сектор беа изработени 2 два клучни документа. Првиот е Извештај за капацитетите на градежниот сектор во областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, а вториот е Патоказ (Roadmap). Во него беа утврдени приоритетните занимања и потребата за обуки на градежни работници.
Инаку, анализата сигнализира недостаток на работна сила во градежниот сектор.
Повеќе од половината анкетирани компании (67 %) велат дека им се потребни еден или повеќе работници со познавањето на мерките за ЕЕ, и тие би учествувале во обуките за ЕЕ, но изразуваат загриженост од флуктуацијата на работната сила по завршувањето на обуките (најголем број на работници со стекнување на знаење за ЕЕ и ОИЕ се вработуваат во земјите од ЕУ поради повисоките плати).
За воведување на мерките за ЕЕ и ОИЕ, според проекциите за остварување на енергетските цели во секторот високоградба потребна е обука за 9.600 работници во 23 градежни занимања.
Приоритетни занимања за остварување на националните цели за ЕЕ и ОИЕ
Занимање |
Годишна потреба на работници |
7111-Градежни работници за објекти |
1100 |
7112-Ѕидари и сродни градежни занимања |
1200 |
9313-Општи работници во високоградба |
300 |
7115-Столари, Тесари и градежни столари |
550 |
7121-Покривачи (обложувачи) на покриви |
1000 |
7123-Фасадери и гипсари |
500 |
7124-Работници на изолација |
400 |
7125-Стаклари |
500 |
7124.1-Термоизолатер |
400 |
3113.1-Електротехничар за инсталација и опрема |
1.000 |
7133-Инсталатери за греење и климатизација |
900 |
7412-Електрични механичари и електромонтери |
300 |
7412.4-Електромонтер на енергетски машини и уреди |
200 |
7412.8-Електромеханичар за електроенергетика, специјализиран |
300 |
7412.9-Електромонтер |
500 |
7412.9-Електромеханичар |
100 |
7412.10-Одржувач на електрични апарати и опрема |
150 |
ВКУПНО |
9.600 |
Од претходно подготвениот Извештај за капацитетите на градежниот сектор во областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, минимално 20%, а максимално 30 % од работниците од секторот високоградба треба да се обучат за примена на мерки за ЕЕ и ОИЕ, или од 1.500 до 2.800 работници годишно треба да посетуваат обуки за стекнување на знаења за ЕЕ и ОИЕ на три нивоа:
• помошник на работник;
• работник со занимање и
• мајстор.
Според Извештајот, 10 занимања беа селектирани како приоритет во рамките на Проектот „Build up Skills MK“ и тоа: ѕидар; фасадер; столар; покривач на кровови; термоизолатор; инсталатер; електричар; електромонер; инсталатер на соларна термија; стаклар.
Во делот за образованието, односно неформалното образование, во Република Македонија постојат:
- 15 верификувани програми (досега се верификувани три програми за обука на: столари; гипсери-монтери и фасадери);
- 21 средно училиште со 29 занимања;
- 8 овластени институции за неформално образование за градежни струки;
- курсеви и семинари: изведба на ксинти фасади; енергетско санирање на постојни објекти; енергетска ефикасност во новоградба; сончева термија; фотоволтаици; енергетска ефикасност на објекти; промоција и јакнење на капацитети; енергетска ефикасност во фарми и рурални домаќинства.
Европската комисија и понатаму ќе ги поддржува националните конзорциуми кои поднесоа добри предлог-проекти и во втората фаза на „Build up skills“ иницијативата, особено во делот на изработката на модули и имплементација на обуките за градежниот сектор неопходни за градење на енергетско-ефикасни објекти.
Кофинансиран од програмата Интелегентна Енергија на Европската Унија
Одговорност
Одговорноста за содржината на оваа веб страница ја преземаат исклучиво нејзините автори и проектни партнери. Содржините и информациите
на веб страната во никој случај не смее да се сфати, дека ги одразуваат службените ставови на Европската Унија. ЕАСМЕ и Европската комисија
не преземаат одговорност за било какво користење на ифомациите содржани на веб страната.